МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НА РМ ЌЕ ПОДДРЖУВА ПРОЕКТИ НА МУЗЕЈОТ НА ГРАД НЕГОТИНО
Деновиве Министерството за култура на РМ ги објави проектите кои ќе ги поддржи, а се содржани во годишните програми на Националните установи и проекти поддржани на годишните конкурси под одделни области и активности од културата за тековната 2016 година. Имено, овие одлуки Министерството ги донесува согласно Законот за култура при што одлучува за тоа коие проекти ќе бидат поддржани и кои се од национален интерес. Така, со годишната програма Министерството за култура ќе поддржи 4 проекти на Музејот на град Неготино и тоа во делот на Музејската дејност и заштитата на нематеријалното културно наследство. Станува збор за проектот-осовременување на изложбениот музејски простор во Музејот на град Неготино, Санирање на депото во оваа установа и Конзервација на средновековен накит од локалитетот „Крстеви“ кај селото Корешница. Во делот пак на заштитата на недвижното културно наследство, Министерството за култура ќе го поддржи проектот на неготинскиот Музеј за конзервација, реставрација и реконструкција на архитектурата на споменикот на културата „Саат-кула“ во Неготино, а можно е во текот на годината да се аплицира и да се добие поддршка и за други проекти на Музејот на град Неготино.