МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ ГО ОБЈАВИ КАТАЛОГОТ СО ПОДАТОЦИ ЗА ПРОДАЖБА НА 100 ДРЖАВНИ ДЕЛОВНИ ПРОСТОРИИ ВО 19 ОПШТИНИ НИЗ ЦЕЛА ДРЖАВА. ЕДНА ОД НИВ Е И ОПШТИНА НЕГОТИНО ВО КОЈА СЕ ПРОДАВААТ 5 ДЕЛОВНИ ПРОСТОРИИ
Пред три дена на својата веб страница, Министерството за транспорт и врски го објави каталогот со податоци за продажба на 100 државни деловни простории во 19 градови низ целата дражава, кои ќе се продаваат преку електронско јавно наддавање. И општина Неготино е една од 19 општини во Република Македонија каде што на продажба се објавени 5 атрактивни деловни простории на неколку локации во градот. Три од петте локации се наоѓаат на улицата „ Маршал Тито “ во Неготино, една на локација на улица „ Партизанска “ и еден деловен објект на улица „ Петар Димирски “ во Неготино. Парцелите односно деловните објекти се движат со површина од 21 до 148 м2, а вкупната почетна цена се движи од 600 до 1369 евра по м2. Право на учество на ова јавно наддавање имаат сите правни и физички лица, а на објавениот каталог можат да најдат подетални информации за локацијата, квадратурата, почетната цена на објектите како и нивните фотографии . Јавното наддавање за 5 деловни објекти во општина Неготино ќе биде на 26 и 27 Март, а ќе започне со објавување на вкупната почетна цена на деловниот простор и ќе се спроведува по пат на наддавање од страна на учесниците. Покрај општина Неготино, државата продава деловни објекти во Скопје, Велес, Гостивар, Битола, Кавадарци, Кичево, Кочани, Виница, Берово, Македонска Каменица, Куманово, Кратово, Прилеп, Штип, Струмица, Радовиш, Гевгелија и Тетово. Инаку, стоте објекти за кои беше објавен оглас за продажба се први од вкупно 1.000 државни деловни простории кои што Владата одлучи да ги продаде на барање на приватниот сектор. Почетната вредност на 100-те деловни простории се проценува на 5.000.000 евра, огласот трае 30 дена, а право да аплицираат имаат сите домашни и странски компании, како и физички лица.