ПОЧЕТНА » СПОРТ » Мојсоски Сега или никогаш

Мојсоски Сега или никогаш


Додадено на 27-03-2013 во СПОРТ

 

За македонскиот првак Металург се отвора нова порта кон светската слава. Фортуната продолжи да дува во едрата на македонскиот брод и на вчерашната ждрепка за 1/4 финалето на Лигата на шампионите, Металург за противник го доби Виве Киелце, објективно единствениот тим од четирите можни противници против кого има шанси за победа и пласман на „Ф4“ турнирот во Келн.

 

Полскиот шампион беше противник на Металург и во групната фаза. Одиграа два тешки натпревари 1/4 финалните противници, а на двата победи Киелце. Не беше надигран Металург на тие дуели. Напротив, многу малку недостигаше во Скопје резултатот да биде поинаков, а во Полска буквално им ја фрли во раце победата на домашните играчи на 30 секунди до крајот.

“Познат противник, одигравме два меча со нив. Загубивме, но тогаш бевме во малку поинаква ситуација, имав пауза, со еден тренинг пред првиот меч. На реваншот одигравме подобро, загубивме малерозно. Но, имаме шанси. Поточно ова е шанса сега или никогаш. Мислам дека како што петтото место на ЕП беше круна како репрезентативки, фајнал-фор ќе биде на клупски план“, изјави Наумче Мојсоски.

Се сменија делумно работите оттогаш. Металург е во нагорна линија, Киелце настрада со повреди и е во надолна. Иван Чупиќ, играчот кој го реши победникот на двата натпревари, е надвор од строј. Тој го оперираше рамето на 1 февруари, паузата е 3 месеци. Најавите се дека би можел и порано да се врати во игра, но и да е така, враќањето би се поклопило со термините на натпреварите, а паузата не е мала. Веруваме дека главно Торир Олафсон ќе го гледаме на позицијата десно крило. Повредени беа и Штрлек и Бунтиќ, но тие двајца ќе бидат во игра. Гжегож Ткачик, пак - нема. На мечот со Пик Сегед од Топ 16 страдаа лигаментите на коленото и за него ракомет во наредните шест месеци нема да има.

Металург ќе го нема Дејан Манасков, кој е важна алка, а Давид Коражија во СЕХА, но во Лигата на шампионите засега не пружа игри какви што се бараа. Но, има време за него да се воигра и да се привикне на притисокот од такви натпревари.

Балансот треба да е воспоставен, Киелце имаше предност досега, веруваме дека шансите сега ќе бидат 50:50. Психолошки двата триумфа во групата им даваат предност на Полјаците, но улогата на фаворит си носи и свој товар кој екипите главно се трудат да го избегнат.