МТВ Целосно ја повлекува Империја
Веќе се подготвува нова песна за Евровизија со сменет авторски тим, музика - Дарко Димитров и текст на Лазар Цветковски
Македонскиот радио телевизија, своето право за менување на евровизизиската песна до 18. март го користи целосно и ја повлекува песната „Империја“. Неофицијалните информации од упатени извори велат дека песната „Империја“, од авторите Симеон Атанасов, Дејан Момировски, според текст на Борче Нечовски, во изведба на Есма и Лозано нема да биде изведена во мај, на Евросонг во Малме. Веќе се подготвува нова песна со сменет авторски тим: музика - Дарко Димитров и текст на Лазар Цветковски.
Песната „Империја“ и спотот за неа, изработен од продукцијата „Егзит Б“ беше јавно претставена со шоу - програма на МТВ, на 28. февруари. Речиси веднаш реакциите на јавноста беа прилично остри за насловот „Империја“, а особено за спотот, во кој се промовираат објектите од проектот „Скопје 2014“. Појавувањето на споменикот на Александар Македонски во спотот на „Империја“, предизвика и очекувани реакции од Грција.