Насилството врз децата
Насилството врз децата во Република Македонија постои и се случува во семејството, во училиштата и во институциите за грижа на децата, а се почести се и случаите на насилство меѓу самите деца во училиштата и надвор од нив, истакна народниот правобранител Иџет Мемети на денешната тркалезна маса „Насилството врз децата и меѓу нив“.
Според него, загрижува податокот дека се уште во некои од училиштата и во установите за згрижување на деца се применуваат насилни методи за дисциплинирање на учениците и учење за тоа што е добро, а што не е.
- Воедно загрижува нетолеранцијата меѓу децата од исти, но и од различни етнички заедници, предрасудите за припадноста на другите и насилните обиди за решавање на некое несогласување, додаде Мемети.
Според народниот правобранител, насилството е предизвикано поради недоволна комуникација меѓу децата, отсуство на заедничко другарување, како и од неинформираноста и непознавањето на културата и традицијата на другиот.
- Неопходна е поактивна улога на стручните служби во училиштата во контактите со учениците и со нивните родители, соработка со надлежните во центрите за социјална работа со цел подигање на воспитната компонента од образовниот процес, превенирање на проблемот и преземање на времени мерки за спречување на евентуално негативно однесување на децата, рече Мемети.
Образованието, како што додаде, треба да биде насочено кон развој на децата и на почитување на неговите права, како и за подготвување на децата за одговорен живот во слободно општество во дух на разбирање, мир и толеранција.
Мемети посочи дека државата со Конвенцијата за правата на детето е обврзана да ги преземе сите мерки за заштита на детето од сите облици на физичко или ментално насилство.
За искуствата во врска со насилството врз децата Шпанија говореше Марија Тереса Салсес, советник на обудсманот на Андалузија, која посочи дека во нејзината земја има голем напредок во однос на агресијата спрема децата и физичкото насилство.
- Во последниве години имаме откриено еден друг вид на насилство кое многу потешко се детектира. Тоа е психолошкото малтретирање, кое се јавува поради недостиг на воспитување од страна на родителите кон децата и недоволно посветување на внимание. Особено ова се случува во семејства каде родителите имаат проблем со наоѓање работа, како и со нивното лично вклучување во општествениот живот, рече Салсес.
Во Франција, како што истакна Жералдин Лисондр, советник на францускиот омбудсман, имаат многу проблеми со насилството врз децата. - Особено во последните две години забележавме случаи на насилство од страна на возрасни лица врз децата, како и насилство меѓу самите деца со посредство на интернет, рече Лисондр.

