Неготино конечно ќе добие нова водоводна линија
Шестнаесет улици со различна должина од 260 до 1.175 метри кај кои се детектирани дефекти на водоводот кои пак предизвикуваат загуби на водата за пиење која доаѓа до домовите на граѓаните ќе добијат нова водоводна и технолошка водоводна линија, како и нова фекална и атмосферска мрежа - најави денеска градоначалникот на општина Неготино, Банчо Апостолов пред средбата со проектантската фирма која е задолжена за изготвување на проектот за новото водоснабдување во Неготино.
Реконструкцијата на водоводната мрежа и евентуалната изградба на резервоар драстично поголем од постоечкиот ќе ги финансира Германската KFV банка, но и од Светската банка, доколку бидат одобрени парични средства оттаму.
Инаку, овој проект ќе се реализира врз основа на податоците од извршените анализи и студијата којашто ја изработиле стручњаци. Нивните детални испитувања покажале дека има голем број дефекти кои придонесуваат за создавање на загубите од вода дури и до 70 отсто.
Е.Д.