НЕГОТИНСКАТА БИБЛИОТЕКА ГО ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН НА КНИГАТА
И годинава како и претходните години Локалната библиотека „ Страшо Пинџур “ од Неготино со бројни настани од денес па до понеделник 25 април ќе го одбележи „ Светскиот ден на книгата “ кој секоја година се одбележува на 23 април. Имено, денеска претставници од локалната библиотека ги посетија двете основни училишта во Неготино Гоце Делчев и Страшо Пинџур и на најмладите им претставија презентација насловена „ Со книгата, светот на дланка “.
И годинава во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на книгата, локаланта библиотека во Неготино во СОУ „ Св. Кирил и Методиј “ Неготино организираше изложба на трилери, романи од светската литература на која средношколците имаа можност директно да ги погледнат книгите.
„ Според повелбата и пораките од УНЕСКО по повод Светскиот ден на книгата, 23 април за приближување на книгата и изворите на информации кон маргинализираните групи на граѓани, Локалната библиотека и годинава подари книги на нашите пријатели - Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „ Порака “ Неготино “ – вели директорката на неготинската библиотека Катерина Данаилова.
Настаните за одбележување на 23 април Светскиот ден на книгата продолжуваат и утре, па така со почеток од 8 до 13 часот ќе се организира активноста „ Состанок на слепо со книгата , изнајмете и изненадете се со најновите изданија на бестселерите “, а од 11 до 12 часот, малата сирена во локалната библиотека ги поканува најмладите од 3 до 6 години на приказни и забава со подводниот свет.
Одбележувањето на Светскиот ден на книгата ќе заврши во понеделник 25 април, со изложбата на фотографии и интерактивна работилница насловена „ 100 години од Првата светска Војна, фронтот во Македонија „ во ТИЦ „ Желкова куќа “ во Неготино која Локаланата библиотека „ Страшо Пинџур “ ја организира во соработка со Францускиот институт од Скопје.