НЕГОТИНСКАТА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВЧЕРА ГО ПРОСЛАВИ СВОЈОТ ПАТРОНЕН ПРАЗНИК
И годинава детската градинка „ Фемо Кулаков “ од Неготино не го заборави роденденот на својот патрон Ефрем Фемо Кулаков. Имено, вчера во двата клона „ Мајски цвет “ и „ Пролет “ со положување на свежо цвеќе на спомен бистите поставени во дворот на двата клона дечињата го започнаа празнувањето на својот патронен празник.
Во рамки на прославата под мотото „ Во здраво тело, здрав дух “ се одржа и Втората детска олимпијада во која преку спорт, музика, забава и игра се забавуваа дечињата од градинката. Учество на оваа детска олимпијада земаа дечињата од поголемите групи од двата клона на градинката, а останатите дечиња од помалите групи навиваа за своите омилени тимови.
10 мај е значаен ден за градинката Фемо Кулаков од Неготино бидејќи тој ден е денот кога далечната 1925 година се родил младиот револуционер Фемо Кулаков од Неготино. Се родил во сиромашно семејство во кое неговиот татко Ристо кој работел како шивач успевал да заработува само да го прехрани семејството. Но некако успеал да собере сили и го испратил Фемо да учи гимназија во Кавадарци. Таму запознал многу нови другари, а учествувал и во сите младински активности против окупаторот. Во 1942 година бил приман за член на СКОЈ во гимназијата, а веднаш потоа бил избран и за секретар на скоевската организација. При крајот на 1943 година и почетокот на 1944 работел на организирање на младинци за заминување во редовите на партизаните. Во агуст 1944 година е поставен за заменик политички комесар и со својот храбар однос станал омилебн раководител. По неуспешниот напад на железничката станица во Неготино од страна на 9 бригада, Германците го заземале и запалиле Неготино и формирале борбена група за напад на Кавадарци. На 17 септември 1944 германците извршиле силен напад на позициите на бригадата, се развила борба во која загинал младиот револуционер од Неготино Фемо Кулаков. Падна во борбата за слобода и се вгради во темелите на слободната татковина за Македонија.