ПОЧЕТНА » СПОРТ » Нови 22 преводи пред македонската читателска публика

Нови 22 преводи пред македонската читателска публика


Додадено на 22-10-2012 во СПОРТ

Нови дела на плејада светски автори и врвни професори се најдоа пред македонската читателска публика.

 

 

Премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев, денеска ги промовираа новите 22 преводи од проектот „Превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.

Вклучувајќи ги и овие 22, досега вкупно се преведени 737 книги.

 

 

Преведените изданија се од областа на: економијата, архитектурата и градежништвото, земјоделството и ветерината, правото, биотехничките, природно математичките, филолошките и филозофските науки, дипломатијата, политиката, правото и внатрешната безбедност, туризмот и бизнис логистиката, како и од областа на машинските и електротехничките науки.

Премиерот повика, професорите да ги користат преведените книги наместо старите скрипти и додаде дека Владата ќе продолжи да работи на Проектот за преведување на книги од светската литература. Тој посочи дека со овој проект е надминато времето кога обрзовниот систем, како што рече, го враќал младиот човек неколку чекори назад и кога децата учеле од истите книги или скрипти како и нивните родители, стари и по неколку децении.

- Го имаме најдоброто што во моментов го има во светот. Она што го учат студентите во Америка, Англија, во најразвиените држави, од истите учебници може да учат и македонските студенти. И не само што ќе имаат поголемо знаење, туку ќе имаат и многу поголема самодоверба... Овие книги носат нова вредност и затоа апелирам да се промовираат, анализираат, да се користат и да допрат до што поширок круг луѓе во нашата држава. Во догледно време ваквите трендови ќе донесат огромни придобивки за сите наши граѓани, истакна претседателот на Владата.

Министерот Кралев потенцираше дека со овој проект од капитално значење им се овозможува на младите да учат од светска литература преведена на македонски јазик, со што се подобрува образовниот процес.