Обрван нов селектор на машката ракометна репрезентација
Поранешниот тренер на Загреб, Горење, Медвешчак и Метковиќ, Хрватот Ивица Обрван, е новиот селектор на ракометната репрезентација на Македонија, одлучија денеска членовите на Управниот одбор (УО) на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на својот втор состанок под раководство на новиот претседател, Живко Мукаетов.
Обрван доби едногласна поддршка од членовите на ракометната влада победувајќи ги конкурентите, кои исто така беа пријавени на распишаниот конкурс, меѓу кои беа Ристо Магдинчев, Илија Темелковски и Владимир Глигоров.
„Во еден тежок период одбираме селектор, во средина од квалификации за еден голем настан и пред значајни дуели со Шпанија и со Португалија. Секоја чест на сите пријавени на конкурсот, кои ги исполнија сите барани услови, но на мислење сме дека Обрван би бил човекот што најдобро ќе одговори на зададениот предизвик“, изјави Гордана Нацева, член на комисијата за избор на селектор.
Обрван е поранешен репрезентативец на Хрватска и носител на бронза од ЕП 1994 година, а ќе биде наследник на Звонко Шундовски, кој поднесе оставка по Светското првенство (СП) што во почетокот на годинава се одржа во Шпанија.