ОД УТРЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНО НОСЕЊЕ НА ЗИМСКА ОПРЕМА ВО ВОЗИЛАТА
Од утре 15 ноември почнува да важи задолжителната обврска за носење зимска опрема во возилата. За возачите на автомобили, џипови и лесни камиони е задолжително носење зимски гуми и синџири, а за возачите на автобуси и на тешки камиони и лопата ако на погонските тркала не може да се постават синџири за снег. Санкционирањето во претстојната зимска сезона ќе биде согласно постојниот правилник за зимска опрема во автомобилите, со кој се пропишува казна од 15 евра. Со новиот закон за безбедност во патниот сообраќај чија подготовка е во тек, според најавите, се предвидени казни од 45 евра за неносење зимска опрема. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се предвидува дека моторните возила и работните машини кога учествуваат во сообраќај на пат надвор од населено место, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема. Полицискиот службеник ќе нареди на возачот да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Наредба за прекин на движење може да даде и ако не постои таков сообраќаен знак ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема. На возачите кои постапуваат спротивно од овие одредни ќе им се изрекува глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност. При контролите од сабота полицијата ќе проверува дали возилото поседува зимска опрема односно дали шарите на гумите се со најмалку 4 милиметри длабочина. Правилникот пропишува дека за моторни возила со најголема дозволена тежина која не надминува 3.500 килограми, како зимска опрема се сметаат зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 4 милиметри, како и летни пневматици со длабочина на шарите со минимум од најмалку 4 милиметри ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала се зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 6 милиметри, како и пневматици со летен профил на сите тркала, со длабочината на шарите со минимум од најмалку 4 мм, ако во возилото во приборот има синџири за снег. Во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина. Кај моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 килограми пак се задолжителни зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите од 6 мм, пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите со минимум од 4 мм. ако во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и прирачен алат – лопата. Зимски се пневматиците кои на својата бочна страна имаат ознака: „МЅ“, „М+Ѕ“, „М&Ѕ“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Правилникот пропишува дека во патниот сообраќај на возилата не се поставуваат пневматици со клинци. Обврската за задолжителната зимска опрема трае до 15 март следната година.