ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ
Во Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ Неготино се одржа литературно читање по повод денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. На овој настан беше читана проза и поезија посветена на браќата Кирил и Методиј, а учество земаа шестмина ученици од седмо одделение од ООУ „ Страшо Пинџур “ Неготино под менторство на наставничката Маја Којчева. Со композиции на клавир и виолина настапија и ученици од ООМУ „ Владимир Арсовски “ од Неготино.
Настанот за отворен го прогласи директорката на Центарот за култура Мирјана Јованова, која на учесниците на ова литературно читање им додели и скромни подароци односно книги.
Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник 24 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светета црква ги прогласила за рамни на апостолите. Родени се во Солун во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете и е роден во 826/27 година.