ОПШТИНА НЕГОТИНО ДЕНЕСКА ДОНИРАШЕ МИНЕРАЛНА ВОДА ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛО ВОЈШАНЦИ
Општина Неготино им помага на жителите кои беа погодени од поплавите кои изминатиот период ја зафатија Македонија. Покрај многубројните активности кои општината ги презема за санирање на штетите од поплавите кои го зафатија и селото Војшанци, општина Неготино денеска донираше 100 пакети со минерална вода за потребите на жителите од селото. Како што информираат од службата за односи со јавност на општината, на барање на градоначалникот Апостолов беа спроведени бројни акции во кои беа вклучени надлежните од локалната самоуправа, приватни градежни фирми, работници и механизацијата на ЈП „ Комуналец “ и ТППЕ Неготино и беше извршена санација на речното корито на реката Војшанска и патот кој имаше отсечено неколку куќи во селото. Во акцијата беа вклучени и самите жители на селото. Поправени и санирани се штетите на канализационата и водоводната мрежа, поправени се штетите на улиците во селото и на патот од мостот во центарот на селото до краварската фарма. Општина Неготино донираше помош за оспособување за живеење на најпоплавените и најоштетени куќи, а се изврши и чистење на наносите на столбовите на Војшанскиот мост. Инаку, поројниот дождови кои зафатија делови од Македонија предизвика излевање на водата од речните корита, поплави во некои населени места, прекини на патни правци и на снабдувањето со електрична енергија. Поплавени беа замјоделски површини со житни и овошни култури, а направена беше и материјална штета.