ОПШТИНА НЕГОТИНО ОБЕЗБЕДИ 260 000 ЕВРА ЗА ИЗГРАДБА НА ПАТОТ ГОРНИ ДИСАН- ВЕШЈЕ
Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов го потпиша договорот со Светската банка за обезбедување грант во висина од 260.000 евра склучен помеѓу Министерството за финансии на РМ и општина Неготино како корисник на средствата. Имено, станува збор за средства кои ќе бидат наменети за изградба на делница од патот Горни Дисан-Вешје во должина од 638 метри која е во најлоша состојба и не ги овозможува ниту минималните стандарди за нормални и безбедно одвивање на сообраќајот, а токму ваквата состојба на овој патен правец ја наметна и потребата од негова итна изградба и асфалтирање. Инаку, веќе извесен период на патот од Горни Дисан до Вешје се одвиваат градежни активности на делница во должина од 800 метри и истата е во фаза на изградба преку ИПАРД, односно Програмата за рурален развој. Една фаза од работите на овој патен правец во должина од 400 метри е предмет на реализација со проектот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција „Поддршка и развој на економија на пчелни семејства во прекугранична област“. На овој начин, преку трите фази на реализација ќе се добие една функционална целина и изградба и асфалтирање на патот Г.Дисан-Вешје, новоизградениот пат ќе овозможи подобро сообраќајно поврзување на населените места во овој дел на општината и подобрување на комуникацијата во регионот, а директни придобивки ќе имаат и голем број семејства од неготинска и соседните општини кои го користат патот за експлоатација на сопствените земјоделски површини.