ОПШТИНА НЕГОТИНО ЌЕ ГО ОДБЕЛЕЖИ СВЕТСКИОТ ДЕН НА РОМИТЕ
По повод Светскиот ден на ромите - 8 Април, Општина Неготино во соработка со ромската заедница од општината ќе организира неколку настани со кој ќе биде одбележан овој ден. Во рамките на програмските активности ќе биде организиран турнир во мал фудбал на кој учество ќе земат екипи од неколку општини, а исто така ќе биде организиран и концерт на ромска музика со настап на музичка група. Настаните ќе бидат комплетно финансирани и поддржани од Општина Неготино, а во организацијата на истите ќе бидат вклучени и претставници на ромската заедница во општина Неготино.
Светскиот ден на Ромите се прославува во чест на првиот Светски конгрес на Ромите, се одржал од 8-12 април 1971 година во Лондон и тоа е еден од најважните датуми во историјата на овој народ. На тој датум на конгресот се стретнале претставници на Ромите од 14 земји во светот. Како една од најважните усвоени одлуки биле одлуката за ромско знаме и официјална химна. Ромското знаме во долниот дел има зелена боја која ја симболизира земјата, а горниот дел е обоен со сина боја која го симболизира небото. Црвеното тркало кое се наоѓа во средина на знамето ги претставува патувањата и миграциите на Ромите. Официјалната ромска химна се темели на старата ромска песна Џелем, Џелем (Одев, одев). Првиот конгрес на Ромите во Лондон резултирал и со прогласување на официјален ромски јазик (romani chiba), како и официјално прифаќање на називот „Ром“ што на ромски значи човек. На четвртиот светски конгрес на Ромите одржан 1990 година во Полска, решено било 8 април, денот кога е отворен првиот конгрес во Лондон, да се прогласи за Светски ден на Ромите кој секоја година ќе се одбележува во целиот свет.