ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » ОФИЦИЈАЛНО ДЕНЕСКА ЗАПОЧНА ПРАЗНУВАЊЕТО НА СВЕТИ ТРИФУН ВО ОПШТИНА НЕГОТИНО

ОФИЦИЈАЛНО ДЕНЕСКА ЗАПОЧНА ПРАЗНУВАЊЕТО НА СВЕТИ ТРИФУН ВО ОПШТИНА НЕГОТИНО


Додадено на 12-02-2015 во НЕГОТИНО

Официјално во општина Неготино денеска започна одбележувањето на „ Неделата на виното “ и празникот „ Свети Трифун “ заштитникот на лозарите. Во рамки на празнувањата, денеска во неготински угостителски објект се одржа дегустација, односно натпревар за најдобри вина и ракии на индивидуални производители од општина Неготино но и од регионот.

„ Во рамки на одбележување на празникот Свети Трифун, денеска организиравме дегустација односно натпревар за најдобро вино и ракија на индивидуални производители и можеме да се пофалиме дека имаме доста јака конкуренција. Оваа година беа донесени мостри на 25 бели, 20 црвени вина и 18 ракии. На централната прослава во сабота, на наградените ќе им доделиме пригодни награди, буренца за вино, макази и машинки за кроење кои секако ќе им бидат од значење на лозарите“ – вели градоначалникот Ванчо Апостолов.

Доставените мостри од вината и ракиите ги оценуваше стручна комисија составена од енолози од Здружението на енолози на Република Македонија. Како што кажаа и самите, со оглед на тоа што годината за лозарите беше доста лоша како и домашните условите во кои се произведуваат вината и ракиите, на овогодинешната дегустација односно натпревар има доста добри вина и ракии.

 

„ На овогодинешната дегустација беа доставени голем број на мостри од вина и ракии, и може да кажеме дека има доста добри. Ние како стручна комисија ќе се потрудиме да ги одбереме најдобри, а секако и да ги кажеме забелешките на помалку добрите вина и ракии. Секако не треба да го заборавиме фактот дека овие вина и ракии се изработуваат во домашни услови како и доста лошата година која ги погоди лозарите и винарите „ – истакна Игно Тасев од Здружението на енолози на Република Македонија.

Одбележувањето на празникот ќе продолжи и утре петок, 13 февруари во манастирот „ Свети Ѓорѓи “ каде ќе се одбележи денот на виното „ Вранец “ на кој ќе биде претставена и галерија на вина, а ќе продолжи и вториот дел од дегустацијата односно натпреварот на вино и ракија во категориите најдобро бело и црвено вино на домашни и меѓународни винарници.