ОФИЦИЈАЛНО СТАРТУВА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТ ЗА ИЗГРАДБА НА НОВ РЕЗЕРВОАР ЗА ВОДА ВО ПЕПЕЛИШТЕ
На пригодна свеченост, а во присуство на голем број граѓани од општината и жители на селото министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, директорката на ЈП Комуналец Наташа Лазова го означија стартот на работите за изградба на потисен цевковод и нов резервоар за вода во село Пепелиште со зафатнина од 200 м3 чија цел е долгорочно решавање на деценискиот проблем што месното население го има со недостигот од вода за пиење.
Станува збор за проект вреден 6.500.000 денари средства обезбедени од Европската инвестициона банка преку Министерството за транспорт и врски, а се очекува работите на проектот да завршат во рок од 6 месеци.
Покрај бројните проекти за подобрување на водоснабдувањето во општина Неготино, Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски истакна дека во општина Неготино се реализираат бројни проекти за подобрување на живеењето на граѓаните во општината. министерот Мисајловски истакна дека Владата на Република Македонија има одвоено 230 милиони евра за реализација на проекти во овој регион.
Задоволството од реализацијата на овој проект го изразија и жителите на селото Пепелиште и истакнаа јавна благодарност до градоначалникот и Владата на Република Македонија за решавање на нивниот најголем проблем.
За време на работната посета на општина Неготино министерот за транспорт и врски Мисајловски престојот го искористи заедно со градоначалникот Ванчо Апостолов да извршат увид на работите од проектот за реконструкција на водоснабдителниот систем во градот на улици во должина од 8 километри.
Мисјаловски и Апостолов го следеа текот на работите на улица „Ленинова“ на која во моментов се изведуваат зафати за замена на старата и дотраена водоводна мрежа.