ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » ПИСАТЕЛОТ ГОРЈАН ПЕТРЕВСКИ ВО НЕГОТИНО

ПИСАТЕЛОТ ГОРЈАН ПЕТРЕВСКИ ВО НЕГОТИНО


Додадено на 18-12-2014 во НЕГОТИНО

Најпознатиот македонски писател и автор на книги за деца и младинци Горјан Петревски, вчера оствари средба со основците од двете основни училишта „ Гоце Делчев “ и „ Страшо Пинџур “ во Неготино. Оваа средба беше во организација на Локалната библиотека „ Страшо Пинџур“ од Неготино, а на истата учениците имаа можност одблиску да се запознаат со авторот. Да поразговараат за неговиот богат литературен опус на романи и раскази, за книгите кои ги обработуваат во училиштата  па и за неговиот приватен живот.

... Почетокот на љубов која и не беше почеток, затоа што траела одамна, а тоа си го признаа и двајцата. Си го искажаа и молчејќи со искрен поглед, со прегратка на дождот, но и со ветување дека долго, долго ќе бидат заедно...

Ова се неколку реченици од романот „ Сама “ за кој може да се каже дека е едно од најдобрите остварувања на Петревски. Покрај овој тој е автор на уште 30 напишани и издадени книги и е познат автор кој најдбро знае да ги одгатне детските тајни и да раскаже за кревките чувства на младоста навраќајќи се на детството, ако веќе сте станале дел од светот на возрасните. Како што вели директорката на локалната библиотека, Катерина Данаилова, Петревски е еден од најчитаните автори во општина Неготино. Покрај книгите за обработка во училиштата, неготинските читатели, најчесто основците, читаат и слободна литература токму од авторот Горјан Петревски.