ПО СЕДУМ ГОДИНИ ГФК ВАРДАР ВО ВТОРАТА ФУДБАЛСКА ЛИГА
Неготино и неготинци синоќа славеа на градскиот плоштад, а имаше и зошто. На спектакуларен начин, пеејќи и навивајќи ги пречекаа најзаслужните односно фудбалерите на ГФК „ Вардар “ Неготино кои вчера го одиграа вториот бараж натпревар со екипата на ФК „ Вардари “ од Форино и си обезбедија место во Втората фудбалска лига на Македонија.
Уште еднаш вардарци одиграа одличен натпревар на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп и по вторпат беа поуспешни од противникот. По победата од 3-0 на првиот меч и со вкупни 5-0 се враќаат во втората лига. И на вториот бараж меч вардарци покажаа одлична игра. Со погодокот на Миле Чаушев во 24 минута и вториот погодок на Пепи Најдов во 67 минута и конечен резултат од 2:0 вардарци сигурно го обезбедија своето место во втората лига.
Покрај бројните граѓани, верните „ Винари “ на градскиот плоштад но и на натпреварите беше присутен и градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов кој им честита на фудбалерите и им посака успех како досегашниот.
Покрај фудбалерите поединечно беа поздравени и членовите на управата на ГФК „ Вардар “ Неготино како дел од успехот на самиот клуб. Свои обраќања имаа тренерот Владо Данаилов, претседателот на клубот Горан Тодорчев и потпретседателот Горан Гогов кои рекоа дека се среќни што Вардар успеа да ги реализира своите зацртани цели и дека следниот период му претстои многу работа за достојно претставување на Неготино на повисоко ниво. Не заборавија да ги поздрават и најверните односно 13 играч на клубот, навивачите од навивачката група „ Винари “ кои секогаш ги бодреа и беа дел од сите натпревари.