ПОЧЕТНА » МАКЕДОНИЈА » ПОКАЗНА ВЕЖБА ВО ВЕЛЕС ЗА УПОТРЕБАТА НА ПИРОТЕХНИЧКИТЕ СРЕДСТВА

ПОКАЗНА ВЕЖБА ВО ВЕЛЕС ЗА УПОТРЕБАТА НА ПИРОТЕХНИЧКИТЕ СРЕДСТВА


Додадено на 23-12-2015 во МАКЕДОНИЈА

Општинската организација на Црвен крст од Велес во соработка со Отсекот за превенција при СВР Велес и професионалната протипожарна единица вчера во Младинскиот парк пред ученици од велешките училишта изведоа показна вежба за штетните последици од петарди и други пиротехнички средства. Веруљуб Додевски, началник на Секторот за превенција при СВР Велес, потенцира дека поради сериозноста на повредите кај децата и младите, апелира до нив да се воздржат и да не употребуваат петарди и други пиротехнички средства, со кои ќе го загрозат своето и здравјето и животите на останатите другарчиња и граѓани. Има деца со оштетени раце, прсти. Штетен е и звукот од петардата за оние кои се наоѓаат во близина на детонацијата, тој делува стресно за сите што не ги гледаат, но ги слушаат. Штетно по здравјето е и вдишувањето на микрочестичките од испуканата петарда, потенцира Додевски. Љупчо Лепидовски, командир на ППЕ од Велес им порача на младите да не фрлаат петарди посебно во затворени простории бидејќи освен загрозување на своето и здравјето на останатите лица може да предизвикаат и пожар. Од СВР Велес велат дека ваквите превентивно едукативни вежби позитивно влијаат врз децата и младите. Како резултат на тоа, посочуваат, секоја година во Велес пред и за Новогодишните празници се намалува бројот на продадени и употребени петарди и други пиротехнички средства.