ПОЧЕТНА » МАКЕДОНИЈА » Православните христијани го чествуваат Св. Димитриј Солунски-Митровден

Православните христијани го чествуваат Св. Димитриј Солунски-Митровден


Додадено на 08-11-2014 во МАКЕДОНИЈА

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е Свети великомаченик Димитриј – Митровден. Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра...Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината. Овој празник меѓу народот е познат како Митровден и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“. Светиот великомаченик Димитриј Солунски се роди во градот Солун од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетни родители Димитриј беше син единец, заради што беше воспитан и однегуван со големо внимание. Татко му беше војвода солунски, па кога умре татко му го поставија Димитриј за војвода наместо неговиот татко. Пријателот на царот Максимијан, царот Диоклецијан во 303 година нареди рушење на сите цркви и спалување на светите книги, одземање на граѓанските права, честа и заштитата на христијаните, а ослободените робови, доколку продолжеa со усповедување на Христовата вера ја губеa својата слобода. Со втората царска наредба, во темнина беа испратени не само верниците, туку и свештенослужителите, а со третата Христијаните беa подвргнати на најстрашни измачувања доколку и понатака одбиваа да принесат жртви на идолите. Гледајќи дека ниту тоа не вродува плод, царот започна страшна борба која започна со спалување на дваесет илјади христијани во градот Никодимија, и тоа на самиот ден Велигден. Кога го постави за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорача да ги гони и истребува христијаните што беа во Солун. Благочестивиот Димитриј пред царевите ги постави Божјите заповеди. Го сакаше Господ Бог со сето свое срце и душа па веднаш по враќањето од царската престолнина почна јавно да проповеда и својот народ да го одвраќа од многубожтвото водејќи го така кон спасение. Со љубов посеаниот Божји збор падна на плодна почва, па народот од солунската област почна масовно со крштевање на луѓето. Младиот Димитриј знаеше дека поради тоа го чека сурова казна, но никогаш не се покаја за тоа. Но, исто така, никаква овоземска слава – успех и благосостојба – не му го помрачија неговиот духовен вид: пред своите духовни очи тој никогаш не ја изгуби славата Божја и убавината на Царството Божјо. Затоа и одбра да страда со Господ, за вечно да живее со Него и за Него, отколку да се откаже од Него заради сенки непостојани од трева во поле и од цвет кој вене под зраците на сонцето. Затоа, свесен дека го чека страдање, свети Димитриј Солунски целото свое огромно богатство и имот го предаде на верниот свој слуга Луп, молејќи го, тој што е можно побргу да го раздели на сиромашните, додека тој самиот се подготвуваше да го дочека царот Максимијан. Димитриј го дочека царот со сите почести. Но, истовремено овој благочестив млад човек не само што ги потврди царевите сомнежи дека е христијанин, туку и се обиде и самиот цар да го вразуми. Кога слушна за тоа царот Максимијан многу се огорчи на него, па еднаш враќајќи се од војна, царот сврати во Солун посебно за да ја испита оваа работа. Го повика, војводата Димитриј и го испитуваше за верата. Димитриј јавно пред царот призна дека е христијанин и го изобличи идолопоклонството на Максимијан. Но, заслепен од власта и многуте други демонски пороци, царот нареди да го фрлат во темница додека не смисли казна достојна за неговата висока положба, и надевајќи се дека Димитриј ќе се предомисли од вербата во Бога. Но љубовта кон Бога беше неуништива, не само кај младиот Димитриј, туку и кај многубројните христијани, меѓу кои беше и едно момче по име Нестор. Нестор многу го почитуваше и сакаше својот духовен учител свети Димитриј. Младиот Нестор слушна како царот Максимијан бездушно се забавува среде христијанскиот Солун. Имено, тој од некој свој крвав поход донел некој огромен мегданџија, варварин Лијо, кој го забавуваше царот така што насилно донесените христијани ги фрлаше од бината на остри копја. Затоа Нестор побрза кон темницата во која беше Димитриј молејќи го да му даде благослов за да излезе во борба со варваринот Лијо и да го спречи понатамошниот злостор. Димитриј го благослови, но го предупреди дека може и да настрада. Но, Нестор ни малку не се уплаши туку се качи на бината кај горостасот и со Божја волја го фрли од неа на истите остри копја на кои се пролеваше христијанската крв. Царот страшно се разгневи и наредил Нестор веднаш да го убијат.

А кога царот дозна дека Нестор излегол на мегдан со благослов на светиот Димитриј, нареди и него да го избодат со копја. На дваесет и шести октомври по стариот, односно осми ноември по новиот календар, година 306, царските војници влегоа во јамата каде беше фрлен светиот великомаченик Димитриј заедно со својот слуга Луп и го затекнаа како се моли. Го убија, но неговото тело христијаните тајно го зедоа и го погребаа достојно.