ПРОСЛАВЕН ПРАЗНИКОТ ЛЕТЕН СВЕТИ НИКОЛА
Голем број граѓани кои живеат во Дисанијата, посетители кои потекнуваат од ова неготинско село, викендов го искористија убавото време да престојуваат во село Горни Дисан каде со пригодна свеченост беше одбележана салавата на селото-верскиот празник летен „ Свети Никола “.Централниот настан по повод празнувањето се одржа во селската црква „Свети Никола“ која претставува една од најстарите цркви во Тиквешијата и во која има прекрасен и мошне редок фрескоживопис на кој е претставен задгробниот живот, рајот и пеколот кои се изработени во извонредна техника и се раритет кој треба под итно да се заштити, бидејќи го има само во оваа селска црква. Одбележувањето на празникот помина во пријатна атмосфера и меѓусебно другарување на сите кои во неделата го посетија Горни Дисан.
Христијанскиот празник летен Свети Никола го одбележаа и иселените жители од селото Клисура. Овде на овој ден за нив света божевствена литургија отслужија свештени лица. И оваа година како и секоја на овој празник присуствуваа голем број на исeлени лица од родниот крај како и голем број граѓани. По отслужената литургија во придружба на жива музика, присутните со песна и оро го продолжија прославувањето на големиот христијански празник. За време на престојот иселените Клисурчани ги посетија своите разурнати родни огништа и се потсетија на спомените, на животот од пред 1956 година, кога и овде се појави миграцијата село-град, населувајки се претежно во Демир Капија.