ПОЧЕТНА » КАВАДАРЦИ » РАБОТИЛНИЦА ВО ООУ СТРАШО ПИНЏУР КАВАДАРЦИ ПО ПОВОД ПРВИ МАРТ

РАБОТИЛНИЦА ВО ООУ СТРАШО ПИНЏУР КАВАДАРЦИ ПО ПОВОД ПРВИ МАРТ


Додадено на 01-03-2016 во КАВАДАРЦИ

Под менторство на наставничката Стефка Саздовска и првооделенците од ООУ „ Страшо Пинџур “ Кавадарци заедно во соработка со трето одделенците од подрачните паралелки во село Марена под менторство на наставничката Илинка Бакева и наставничката Љубица Димова од дневниот престој во училиштето денеска се одржа Отворен ден за одбележување на 1 март.

„ Отворениот ден се искористи за интеграција на наставните предмети Македонски јазик, математика, природни науки, музичко образование, ликовно образование вклучувајќи ги и програмите од екологијата и меѓуетничката интеграција и заедничка грижа со родителите “- вели наставничката Стефка Саздовска.

Целта на отворениот ден беше одбележување на 1 март денот на мартинките, а учениците изработија мартинки со бел и црвен волнен конец притоа користејќи природни материјали, изработуваа народни носии, пееја песнички за Баба Марта решаваа задачи со заштитните ликови на месец Март, Пижо и Пенда. Oтворениот ден беше посетен и од стручната служба на училиштето, каде потоа беше направена и изложба од сите изработки, а дел од нив беа закачени на плодно дрво.

Инаку, мартинките се подаруваат во чест на Баба Марта и се носат околу рака или закачени на облека се додека расцвета првото дрво или додека не ја видите првата ластовичка или штрк. Потоа се закачува на дрво или се остава под камен со желби за здравје за себе и за своите најблиски. Тие се симбол на пролетта, љубовта, плодноста и доброто здравје. Мартинките се традиционален украс од бел и црвен конец, кој се плете во вид на алка. Црвената боја ја симболизира бојата на крвта, а белата на чистотата.