РАВАНИЈАДА ВО НЕГОТИНО ПО ПОВОД СВЕТИ ТРИФУН
Во рамки на традиционалната манифестација посветена на верскиот празник Свети Трифун, заштитникот на лозарите на градскиот плоштад во Неготино се одржа „ Раванијада “ која беше организирана од локалната библиотека „ Страшо Пинџур“ од Неготино, со поддршка на Организацијата на пензионери од градот и локалната самоуправа.
- Во име на традицијата и аманетот од нашите предци, се организира оваа „Раванијада“, со цел да го заштитиме нашето културно духовно наследство информираше директорката на неготинската библиотека Катерина Данаилова, која истакна дека ова е првиот од настаните кои ќе следат годинава.
- Со „Раванијадата“, пензионерките од Клубот на жени пензионерки „Неготинијана“, потсетуваат на традицијата и обичајот за посната раванија со маџун, која е изворен и еден од најстарите тиквешки специјалитети, кој се прави во чест на празникот Свети Трифун, заштитник на лозарите и лозјата, нагласи Данаилова.
Инаку, раванијата е своевидна торта, типично старо благо од тиквешкиот крај. Во неа, една од главните состојки е токму маџунот, традиционалниот производ од грозје
.