РК ВАРДАР НЕГОТИНО НА ПРИЕМ КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ АПОСТОЛОВ
Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов вчера во својот работен кабинет ги прими ракометарките и ракометарите на „Вардар“ од Неготино придружувани од тренерите и членовите на Управата кои ја претставуваа Република Македонија на Меѓународен турнир во ракомет што се одржа во Германија на кој учествуваа вкупно 80 екипи од повеќе држави. На турнирот кој се играше на тревна површина, а секој меч траеше по 15 минути, машката екипа на Вардар во конкуренција на 8 екипи го освои одличното второ место со 6 победи и само 1 пораз, додека ракометарките го освоија четвртото место во конкуренција на 8 екипи.
Градоначалникот Апостолов им го честиташе успехот на двете екипи на РК„Вардар“ истакнувајќи дека како и останатите спортисти и спортски клубови, и ракометарите и ракометарките ја имале и ќе ја имаат неговата поддршка во рамките на можностите на општината со единствена цел за унапредување на спортот во општината. Членовите на Управата и играчите му се заблагодарија на Апостолов за поддршката и истакнаа дека и понатаму со макотрпна работа и дисциплина ќе се трудат да постигнуваат резултати со кои ќе се афирмира општина Неготино и Република Македонија.