СААТ КУЛАТА ВО НЕГОТИНО
Инаку, Саат Кулата е еден од најважните и најзначајните споменици на културата во град Неготино и датира од периодот на турското владеење.
Саат кулата е споменик на културата од 19 век, изграден на територија на општина Неготино, од страна на Абдул Захир Ага во 1810 година кога паралелно се изградени и џамија и затворен пазар со 15 дуќани. За историјата на кулата дознаваме од сочуваните натписи во камен вградени над влезот во кулата кои се испишани на арапски јазик. Висока е околу 13 до 14 метри, во шестоаголна форма и е градена од камени блокови со дебелина на зидовите до 1 метар. над камената градба имало доградба од дрво која била висока уште 5 до 6 метри, со четири отвори во кои се наоѓале саати кои биле споени со ѕвоно.
Градењето на саат кулите било од неколку практични примени во тоа време. Ваквите градби служеле за мерење на времето за потребите на обавување на петте дневни намази на муслиманските верници, регулирање на работното време во занаетчиските работилници и трговските дуќани а со тоа и избегнување на нелојалната конкуренција. Се користеле и како набљудувачници, при евентуални разбојнички напади, при појава на пожар и други несекојдневни случувања.
Во почетокот таа имала одбранбена улога, а подоцна со запоседнувањето на турското население на овој простор таа служела како саат, па и од таму го добила името Саат Кула. Саат Кулата во цеслост била сочувана се до 1995 година кога во пожар е уништена дрвената конструкција. Поради приспособување на теренските услови, секоја од шесте страни е со различни димензии, а зачувана е висината само на камената ѕидарија.