Сдсм нема да поддржи законско решение кое дополнително ги крати работничките права
Прес конференција, СДСМ
Цветанка Иванова, претседател на Комисија за труд и социјална политика во Собранието на РМ
Скопје, 16.10.2012 година
Почитувани,
Пред неколку дена во јавноста беше обелоденето дека Организацијата на работодавачи подготвиле предлог измени на закон со кој на газдите, сопствениците законски би им се овозможило да можат да отпуштаат работници без никакво предупредување.
За овој предлог веќе два дена не се изјаснува ниту Владата, ниту Синдикатот, кои заедно со Организацијата на работодавачи се официјални партнери во социјалниот дијалог.
Сакаме да предупредиме, дека овој предлог на Организацијата на работодавачи е штетен и многу ќе ги погоди работничките права, кои секако изминативе шест години се скратени по повеќе основи.
Владата на Никола Груевски, систематски спроведе повеќе кратења на правата на работниците во Македонија, во изминативе шест години. Еве само неколку примери како власта ги кратеше правата на работниците до сега:
- Драстично е намален периодот на исплата на паричен надомест во случај на технолошки вишок, од пет години, на една и пол година.
- Власта ја избриша заштитната одредба од една година, од злоупотреба на прогласувањето технолошки вишок и сега, веднаш откако работодавецот ќе прогласи некого за технолошки вишок, веќе следниот ден може да вработи друго лице на истото работно место.
- Власта ја избриша одредбата за надомест од штета во случај на неоснован престанок на работен однос.
- Работникот прогласен за технолошки вишок го губи правото на приоритет при вработување.
- Процентот на исплата на надомест на плата во случај на боледување е намален од 85 на 70 проценти.
- Намалување на заменската стапка и основицата за намалување на пензиите.
- Заострување на критериуми за остварување на права за инвалидска пензија.
- Укинато скратено време за инвалиди.
- Намалено време траење на годишен одмор.
- Свесно нерегулирање на прашањето за ноќна работа (трета смена).
Во изминатите шест години имаше и многу други вакви примери, кои докажуваат дека власта во континуитет ги намалува работничките права.
Синдикатот со години молчеше и ги дозволи овие измени, кои паѓаат директно врз грбот на работниците.
Сега, предлогот дополнително да им се загрозат правата на работниците не доаѓа како предлог на Владата, туку таа си обезбеди ваквите предлози да доаѓаат од други здруженија.
Се предлага да им се даде на газдите одобрување да отпуштаат веднаш и без предупредување, што ќе биде уште еден силен удар врз работничките права.
СДСМ нема да поддржи вакво решение, кое ги урива и онака десеткуваните права на работникот во Македонија.
Затоа, го повикуваме Синдикатот, конечно да излезе во заштита на правата на работниците, што е и основната функција за нивното постоење.
Дополнително ги повикуваме и сите други фактори во општеството кои можат да влијаат во одлучувањето за ова прашање, да се мобилизираат и да не дозволат да биде прифатен последниот предлог, кој претставува ново кратење на работничките права во земјава.
Одговор на новинарско прашање
Медиуми: Дали сметате дека со овие предлог измени се излегува во пресрет на барањата на одредени работодавачи во државата, можеби блиски до владејачката партија или пак на овој начин се создава една ситуација на несигурност во која што полесно се владее?
Иванова: Мислам дека ова е уште еден потег на Владата преку Организацијата на работодавачи на штета на работничките права да се удовли барање на работодавачите. Предложеното решение е многу штетно особено во услови кога имаме поголема понудувачка на работна сила, а се помалку работни места. Сметам дека синдикатите треба да си застанат на она што треба да го сработат и еднаш веќе да се спротивстават на ваквото драстично кршење на работничките права.