СЕ ИЗЛЕА ВОЈШАНСКА РЕКА ВО СЕЛО ВОЈШАНЦИ
Обилните дождови кои вчера го зафтија и неготинскиот регион предизвикаа излевање на реките од речните корита. Најголеми штети има во село Војшанци, каде дојде до излевање на Војшанска река од своето корито и поплави 10 куќи во селото. Поројните дождови предизвикаа штети и на инфраструктурата и на земјоделските површини, а штетите дополнително ќе се утврдуваат.
Најголеми штети од излевањето на Војшанска река се предизвкани на потегот од мостот во центарот на селото до краварската фарма „ Дуброво “ при што овој дел од патот е крајно оштетен, а од надојдените води оштетен е мостот на реката помеѓу Војшанци и село Бистренци. Настава во училиштето се одвиваше но заради надојдената вода немаше пристап до училиштето. Веднаш по опаѓањето на нивото на водата, состојбата на лице место ја согледа градоначалникот Ванчо Апостолов, а на терен интервенираа и претставници на локалната самоуправа и ТППЕ од Неготино, која со моторка ја црпеше водата од поплавените домови, а со фап-цистерна за жителите обезбеди чиста вода за пиење. На терен беа присутни и работници од ЈП „ Комуналец “, а во расчистувањето се вклучи и локалното население.
За жал, по опаѓањето на нивото на реката, врнежите од дожд повторно започнаа и предизвикаа ново покачување на нивото на Војшанска река, по што во селото се упати дополнителна механизација која работеше на терен на расчистување на штетите. Поројниот дожд што зафати делови од Македонија предизвика излевање на водата од речните корита, поплави во некои населени места, прекини на патни правци и на снабдувањето со електрична енергија. Поплавени се замјоделски површини со житни и овошни култури, а направена е и материјална штета во велешкиот, штипскиот, струмичкиот и кумановскиот регион.