СОУ СВ.КИРИЛ И МЕТОДИЈ НЕГОТИНО НА ШЕСТИОТ ТРЕШ ФЕШН
По шести пат годинава Здружението на граѓани ОХО го организираше Треш Фешн Македонија 2016 , натпревар на креации изработени со реупотреба на материјали. Овој настан се одржа вчера во Младинскиот културен центар во Скопје, а се организира по повод Светскиот ден на животната средина.
И на овој натпревар учество земаа 38 тимови од средните училишта од Македонија. Со своја креација и оваа година се претстави СОУ „ Св. Кирил и Методиј “ од Неготино. Креацијата ја изработија учениците од прва 9 , Ивана Тасева, Теодора Ташевска и Анета Цветкова под менторство на професор Снежана Божинова. Тимот веќе неколку месеци минуваше низ процесот на собирање, рециклирање и изработка на својот оригинален моден дизајн, прекрасната Елза од анимираниот филм Фроузен или Ледената кралица. Фустанот со кој се претставија неготинските средношколки беше изработен од најлон, хартија, пластика , а на ревијата моделот го претстави Теодора Ташевска.
Целта на Треш фешн Македонија е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба. Оваа шеста година, за прв пат учениците своите креации ги изработија на тема „Филмски и цртани ликови“ и се претставија со настап од најмногу 60 секунди.
Инаку, овој Треш фешн натпревар е наменет за сите средни училишта кои се вклучени во програмата „ Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем “ која ОХО ја имплементира заедно во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.