Стипендии за студирање во странство
Министерството за образование и наука на Република Македонија и оваа година ќе додели стипендии за студенти примени на првите 100 рангирани универзитети, односно првите двеста рангирани универзитети од областа на техничките науки според последната објавена ранг-листа на глобални универзитети за високо образование од Институтот за високо образование при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.
Од МОН информираат дека стипендиите се однесуваат на академската 2013/2014 година, а крајниот рок за пријавување на кандидатите е 31 август 2013 година.
- Комисијата формирана во врска со Конкурсот за доделување на овие стипендии веднаш по приемот на комплетната документација од кандидатот, а најдоцна во рок од 10 дена, ќе одлучи дали кандидатот ги исполнува или не сите предвидени услови и дополнителни критериуми од Конкурсот, односно дали на кандидатот му се доделува или не стипендијата со што кандидатите нема да мора да чекаат да бидат информирани после крајниот рок за пријавување и ќе може навремено да ги планираат своите активности. Оваа стипендија целосно ги покриваат трошоците за студирање и престој на стипендистите во странство, се наведува во денешното соопштение од МОН.
Право да се пријават на конкурсот имаат кандидатите кои се државјани на Република Македонија, имаат најмалку 8,5 просечна оценка на додипломските студии, примени се на првите 100 рангирани универзитети, односно првите двеста рангирани универзитети од областа на техничките науки според последната објавена ранг-листа на глобални универзитети за високо образование од Институтот за високо образование при Шангајскиот Џио Тонг универзитет, активно го познаваат јазикот на кој ќе студираат и не се корисници на друг ваков вид стипендија. Дополнителните критериуми, потребните документи за пријавување, како и обврските на избраните кандидати можат да се најдат во официјалниот конкурс објавен на веб порталотwww.stipendii.mon.gov.mk и во дневните весници.
Министерството за образование и наука континуирано ги следи тенденциите за подршка и стимулирање на научно – истражувачките кадри и ги охрабрува сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите поставени во конкурсот да аплицираат.
Во последните три академски години Министерството за образование и наука додели вкупно 27 стипендии од ваков вид, девет стипендии за кандидати примени на високообразовни и научни институции во област која е од посебно научно, образовно и културно значење за Република Македонија (Академија за филмска и ТВ уметност, Прага, Република Чешка – ФАМУ), а доделени се и стипендии (уписнина) на 60 кандидати запишани на студии од втор циклус за извршната МБА Програма на СИТИ Колеџот, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот Шефилд, Велика Британија, лоциран во Солун, Република Грција и уписнина за пет кандидати примени на студии од втор циклус на програмата за бизнис администрација (МБА) на Френклин универзитетот од Охајо, Соединетите Американски Држави, подружница во Република Македонија.