Трајановски не се плаши од Црвенковски
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски не сакаше да ги коментира гласините на некои медиуми дека Бранко Црвенковски ќе се кандидира за градоначалник на Скопје.
-Нема да навлегувам бидејќи нивна работа е кого ќе кандидираат за градоначалник. Кој и да биде кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ ќе треба на граѓаните да им каже што направил за Скопје и што планира да направи за градот. Јас пред граѓаните ги исполнувам моите ветувања и работам за нив, рече Трајановски.
Градоначалникот на Скопје набројуваќи дел од спроведените проекти посочи дека на Скопје му треба човек кој знае да обединува и дека тој има јасна визија и работи за подобро Скопје.
Битката за Град Скопје се очекува да биде најжестока во пресрет на локалните избори. Во СДСМ на големо се дебатира по прашањето кој да биде противкандидат на актуелниот градоначалник. Низата проекти на Коце Трајановски кои доведоа до целосна модернизација на градот, ја прават битката за Скопје уште потешка.
За негов против кандидат прво се споменуваше името на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Во последно време, освен натписите на дел од медиумите дека најтешката битка сака да ја изигра лидерот на СДСМ, нема други претпоставки и идеи за кандидати.
Според најавите, кандидатите за градоначалници на опозицијата ќе бидат соопштени на 28 октомври, на протестен митинг во Скопје.