УНИШТЕНА ЧЕШМАТА ВО ВЕЛЕС КОЈА ГО СИМБОЛИЗИРАШЕ ПРИЈАТЕЛСТВОТО ПОМЕЃУ СЕМЕЈСТВТА АЦЕВИ И САРАЧ
По само неполн месец од изградбата на чешмата и нејзиното пуштање во употреба, која го симболизираше пријателството помеѓу семесјтвата Сарач И Ацеви од Велес, деновиве е сериозно уништена. Од локалната самоуправа во Велес информираат и упатуваат апел до сите граѓани да се чува урбаната опрема и да се покаже поголема грижа кон општествениот имот и јавните добра, бидејќи како шшто велат само така ќе се задржи она што го имаат и она што припаѓа на сите граѓани на Велес.
Инаку, чешмата е подарок од семејството Сарач и нивното пријателство со велешкото семесјтво Ацеви. Времето и годините минувале, но приказната останала во која се зборува за човечноста, блискоста, пријателствата кои не ги нарушиле времето, убавите спомени.
Пријателството помеѓу овие две фамилии трае еден век и ништо до сега не го расипало. Хајрија и Хамди Сарач биле соседи Орце и Слободка Ацеви , а куќите биле на паркингот кој денес се наоѓа пред судот. Во тоа време немало водовод и се снабдувале од чешма во Дворови. Орце Ацев во 1953-та поставил чешма во дворот и на Хајрија и Хамди им понудил, да не се мачат и носат на раце вода од чешмите, да полнат од неговата од дворот. По еден месец комшијата Хамди дошол кај Орце да му плати, бидејќи ја користел водата, а тој одговорил дека водата е дар од Бога, и затоа пари не земал . Така тие ја користеле се до заминувањето 1954-та за Истанбул. и по заминувањето, контактите не биле прекинати, не замреле и се одржувале со доаѓањето на семејствата Сарач во родниот Велес но и на Ацеви во Истанбул. Хајрие и Хамди Сарач оставиле аманет на нивните четири деца, благородна идеја која изминатиот месец беше остварена, во родниот град на родителите, да изградат чешма. Таа чешма е благодарност до семејството Ацеви но и до велешани.