УТРЕ ВО МАНАСТИРОТ СВЕТИ ЃОРЃИ ВО НЕГОТИНО ЌЕ СЕ ОДРЖИ СВЕТА ЛИТУРГИЈА НА КОЈА ЌЕ ЧИНОЧАЛСТВУВА МИТРОПОЛИТОТ ПОВАРДАРСКИ ГОСПОДИН АГАТАНГЕЛ
По повод празникот Младенци, утре во манастирот Свети Ѓорѓи во Неготино ќе се одржи света литургија на која ќе чиночалствува неговото Високо Преосвештенство Митрополитот Повардарски г-дин Агатангел со повеќе свештени служители, на која се покануваат да присуствуват сите верници. Инаку, младенци се посветени на споменот на страдањето на светите 40 војници што во 320 година преминале во христијанството, и покрај забраната на царот. Сите биле војници во римската војска и верувале во Исус Христос. Поради својата вера, овие војници најнапред се бичувани, на главата им биле ставени венци со кои ги овенчале со Христовата љубов, а потоа ги удавиле. Венците и денес имаат три симболики. Царски венци – секој човек е цар во своето мало царство, односно во својот дом, маченички венци, зашто во бракот треба да се поднесува и жртвувањето, и венци на бесмртната слава – онаа, во царството на Исус Христос. Со ова се укажува дека брачните партнери треба да бидат верни, и дека верноста и љубовта никакво искушување не смее да ги совлада. За Младенци се врзуваат многубројни обичаи, уште од минатото. На овој ден, жените станувале рано и меселе 40 колачиња, кои симболизираат долг, благ и среќен живот. Колачињата ги печеле и премачкувале со мед. Гостите што доаѓаат во домот на венчаните со подароци е модерен обичај. Се смета дека на Младенци треба да дојдат сите што биле повикани на свадбата. Иако е традиционално Младенци да се прославуваат дома, во последно време ваквите прослави се префрлаат во рестораните. Порано гостите не се канеле, бидејќи се знаело дека треба да дојдат и уште со самото влегување во домот било обичај да се покаже куќата, соба по соба. Денес гостите се канат, и најчесто листите се куси, ама затоа пак некогашното послужување со колачиња сега е заменето со гозба и кафански менија.