УТРЕ ВО НЕГОТИНО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ АПОСТОЛОВ ЌЕ ДОДЕЛУВА ВАУЧЕРИ ЗА НОВОРОДЕНИ ДЕЦА
Општина Неготино продолжува со реализацијата на проектот инициран од градоначалникот Ванчо Апостолов и започнат да се спроведува од август 2013 година за доделување на вредносни ваучери од 7.000 денари за семејствата кои имаат новородено дете.
Статистичките податоци говорат дека од стартот на проектот досега се доделени над 500 ваучери, а на утрешната пригодна свеченост која ќе се одржи во салата на општина Неготино градоначалникот Апостолов ваучери ќе им врачи на уште 85 лица. Од тие, 83 ваучери се за новороденчиња од кои на 5 семејства за трето дете, а ќе бидат доделени и првите 2 ваучери во висина од 30.000 денари за лица над 40-годишна возраст кои за прв пат стапуваат во брак. Се покануваат сите родители кои во изминатиот период имале новороденчиња да присуствуваат на настанот за доделување на ваучерите кој утре, четврток, ќе започне од 11,00 часот.