УТРЕ ВО НЕГОТИНО ЌЕ СЕ БИРА НАЈДОБАР ГЛАС
Неготинската традиционална манифестација „ Најдобар глас на општината “ и годинава повторно ќе ги одбира најдобрите. Имено, утре 28 април со почеток од 20 часот во Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ во Неготино ќе се бираат најдобрите музички дебитанти и ќе се продолжи еден од најдобрите музички настани во градот на кој за прв пат запеале музичките имиња Петранка Костадинова, Мишко Крстевски, Ѓорѓи Ѓорчев, Нели ти реков, Александра Пилева, Кристина Арнаудова, Александар Белов и многу други.
„ И оваа година ЦК „ Ацо Ѓорчев “ Неготино ја организира манифестацијата, „ Избор за најдобар глас “ која веќе 40 години постои. Разликата од претходните години е тоа што годинава учество ќе земат учесници од повеќе градови Неготино, Кавадарци, Велес, Росоман, Градско и слободно можам да кажам дека прерасна во регионална манифестација. На истата учество ќе земат 10 учесници избрани на претходна селекција, а за најдобрите следуваат бројни награди. Најдобриот ќе добие награда комплетно снимана песна во студио, а второ и трето пласираниот ќе добијат парични награди “ – вели уметничкиот директор на манифестацијата Ѓорѓи Ѓорчев.
Од Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ Неготино ги покануваат сите заинтересирани од општината и пошироко и годинава да присуствуваат на оваа манифестација за која се надеваат дека идната година ќе се реализира на уште повисоко ниво.