УТРЕ ВО НЕГОТИНО ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖИ СВЕТСКИОТ ДЕН НА КНИГАТА
Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ Неготино заедно во соработка со ООУ „ Гоце Делчев “ од Неготино утре ќе го одбележат Светскиот ден на книгата и авторските права. Во оваа културна програма која ќе се случува во фоајето на Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ со почеток од 19 часот, учество ќе земат 13 ученици од шестто одделение од центалното училиште „ Гоце Делчев “ но и подрачното училиште од село Долни Дисан.
Со литературни творби пропратени со мудри мисли и изложба на ликовни творби од илустрации на книги од централното училиште ќе се претстават 6 ученици под менторство на наставниците Ќиро Јанев и Весна Ристова, а од подрчното училиште во село Долни Дисан ќе се претстават 7 ученици од шестто одделение под менторство на наставниците Пандорка Илкова и Трајанка Михаилова Андова. Целиот настан ќе биде пропратен и со изведба на композии на виолина од ученичката Бојана Ристова. Бидејќи овој ден во минатото се празнувал како Ден на розите, неколку ученици на присутните ќе им подарат рози изработени, креирани токму од нив.
Инаку, Светскиот ден на книгата започнат е да се празнува од 1995 година, а е прогласен од страна на УНЕСКО. Целта е да се оддаде признание на книгите, писателите и луѓето повторно да го пронајдат задоволството во читањето и да продолжат да уживаат во пишаните дела.