УТРЕ И ВО НЕДЕЛА ВО ОПШТИНА НЕГОТИНО ПО ВТОР ПАТ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ХУМАНИТАРНИОТ ТУРНИР ВО ОДБОЈКА
Утре 6 и во недела 7 февруари во спортската сала на СОУ „ Св. Кирил и Методиј “ од Неготино ќе се одржи хуманитарен турнир во одбојка. Овој турнир се организира по втор пат, а е поддржан од општина Неготино и подрачната единица на Министерството за труд и социјална политика. Екипите кои ќе се натпреваруваат ќе се состојат од 6 играчи со можни замени, а партиципацијата за учеството ќе изнесува 300 денари.
Овој хуманитарен турнир во одбојка веќе втора година го организираме со огромна желба.Успешниот прв турнир кој се случи февруари минатата година и на кој ја покажавме нашата хуманост како млади луѓе, не натера и оваа година да ја продолжиме традицијата но овој пат помасовно и поуспешно- истакнува организаторот. Натпреварите од турнирот ќе започнат утре, сабота со почеток од 14 часот, а во недела во 15 часот. Сите собрани средства од турнирот но и влезниците кои ќе се продаваат по симболична цена од 20 денари ќе бидат донирани на социјално загрозените семејства од општина Неготино.
„ Да направиме убави моменти за паметење и преку игра и забава уште еднаш да докажеме колку нашио град знае да биде хуман. Нека нашата дружба биде исполнета со една иста цел, да помогнеме таму каде што е најпотребно.Сите наши срца да чукаат во ист ритам, ритам на човечноста.Нека салата биде исполнета со љубов и многу насмеани лица и сето тоа заедно да го споделиме и да им го подариме на социјално загрозените семејства во Неготино.Можеби собраните средства ќе бидат малку во однос на потребите, но надежта и љубовта што ќе ја доделиме овие денови ќе биде еден мал почеток на една голема промена во сите нас, промена кон подоброто. Се надеваме дека овој мал турнир ќе остане како една традиција долги години понатаму- додаваат организаторите.