ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » УЧИЛИШНА ДЕБАТА ВО ООУ СТРАШО ПИНЏУР НЕГОТИНО

УЧИЛИШНА ДЕБАТА ВО ООУ СТРАШО ПИНЏУР НЕГОТИНО


Додадено на 09-06-2016 во НЕГОТИНО

Во рамки на проектот „ Меѓуетничка интеграција во образованието “ кој Министерството за образование и наука го спроведува во соработка со основните и средните училишта во земјава, изминатата недела во ООУ „ Страшо Пинџур “ Неготино се реализираше училишна дебата насловена „ Образованието-врата кон успехот “. Дел од оваа дебата, како учесници, директни дебатери и судии беа 24 ученици од осмо и деветто одделение од училиштето.  

Преку оваа активност учениците ги надоградија своите капацитети, ја продлабочија соработката и меѓусебното разбирање и поставија темел за понатамошна соработка и наобразба. Учениците беа поделени во два тима: позитивен и негативен, при што се потрудија да ја потврдат или негираат зададената теза за дебатирање.

Дебатата се реализираше под менторство на наставничките Јасмина Николова и Маја Којчева Величкова, предметни наставнички по македонски јазик. Дел од учениците кои беа судии на дебатата, будно ги следеа излагањата на учениците и ги оценуваа нивните ставови, убедливоста во говорењето и изнесените факти. Притоа одлучија дека победник е негативниот тим бидејќи според нив, бил поубедлив во излагањето.

За најдобар дебатер од осмите одделение беше прогласена Душица Јефремова, а од деветто оделение за најдобар дебатер беше прогласен Наќе Давчев. Сите ученици кои беа дел од дебатата добија пофалници за учеството.

Инаку, целите на проектот „ Меѓуетничка интеграција во образованието “  се насочени кон подобрување на меѓуетничките односи меѓу учениците, поттикнување на дијалог и соработка и градење на партнерски релации во групи со различен етнички, возрасен и родов состав.