ФЗОМ: Енормно зголемена употребата на антидепресиви
Фондот за здравствено осигурување на Македонија забележал енормнo зголемена употреба на лекови за намалување на напнатоста, вознемиреноста, нарушеното спиење, страв, депресија, нервоза и други стресни состојби. Според анализите на Фондот, потрошувачката на лековите анксиолитици и хипнотици, каде влегуваат диазепам, бромезапам познат како лексилиум, алпразолам односно хелекс и золпидемот познат како санвал, во 2013 се зголемил за 30 отсто во однос на 2010 година. како што информираат од Фондот, во просек секој врот жител на Македонија употребил најмалку едно пакување од овие лекови во текот на годината, а загрижувачки е фактот што потрошувачката на овие лекови во 2013 година се зголемил на над 1 милион и 600 илјади реализирани рецепти, односно за околу 30 проценти повисока. Тука влегуваат лековите што се издаваат само на товар на Фондот, оние што се купени со приватни рецепти и што се користат при болничкото лекување не влегуваат во анализата, што значи дека потрошувачката е уште поголема. Анксиолитиците како група на лекови се на второ место, а генеричкиот лек диазепам е на четврто место од десетте најчесто пропишувани лекови. Најголема потрошувачка на диазепам и апаурин е забележано во Берово и Неготино, лексилиум и бромазепам во Битола, хелекс во Кичево, а санвал во Виница. Фондот ги предупредува осигурениците за несаканите ефекти од употребата на овие лекови и ги алармира избраните лекари при пропишувањето задолжително да ги почитуваат упатствата за медицината базирана на докази. Најголема опасност од долготрајната и континуирана употреба на овие лекови, како што велат надлежните, е појавата на психичка и физичка зависност. Овие лекови, може да предизвикаат и заматен вид, болки во гради, тешкотии при дишење, отежнато голтање, кожен осип, чешање, црвенило, гадење и повраќање, ангиоедем – оток на грло и душникот, анафилактичен шок и ембриотоксично дејство, односно може да влијаат врз развојот на плодот и не се користат кај бремени жени. Од Фондот апелираат до осигурените лица да ги следат советите на лекарите и да не инсистираат избраниот лекар да им пропишува лекови на нивно барање, односно спротивно на упатствата за лекување според медицина базирана на докази. Лекарите при пропишувањето на лековите да ги следат упатствата според медицина базирана на докази, презентирани за време на специфичната медицинска едукација за дијагностика и терапија на депресивните состојби во текот на 2013 година, а земајќи ги предвид сите несакани и штетни ефекти кои ги предизвикуваат овие лекови.