ФК ВАРДАР НЕГОТИНО НА ЧЕКОР ДО ВТОРАТА ФУДБАЛСКА ЛИГА
Неготино и неготинци вo неделата имаа повод да слават и радуваат. Голем број граѓани, навивачи и љубители на фудбалот беа дел од првиот од двата бараж натпревари за влез на ФК „ Вардар “ Неготино во Втората фудбалска лига на Македонија. Со убедлив резултат од 3:0, неготинските фудбалери успеаја да ја совладаат екипата на ФК „ Вардари “ од Форино. Фудбалерите беа бодрени и од градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, а покрај многу бројната публика која беше присутна на градскиот стадион „ Гоце Делчев “ во Прилеп и овој пат вардарци беа бодрени од своите верни навивачи „ Винари “ кои со своите кореографии ја засенија навивачката група на противникот.
Прашањето на победникот беше решно уште во првите 45 минути. Во 14 минута, со погодокот на Иван Ивановски вардарци поведоа со 1:0, за веднаш по 5 минути со погодок на Миле Чаушев Вардар поведе со 2:0. Во 45 минута од пенал, Чаушев го постигна и третиот гол со што Вардар полека но сигурно го обезбеди влезот во втората фудбалска лига. Второто полувреме вардарци го одиграа со рутинска игра и целосна контрола. Можеби среќата беше на страната на противникот бидејќи вардарци не успеаја да ги искористат многубројни шанси и да ја наполнат мрежата на противникотод Форино со повеќе голови. Прекрасна атмосфера, вистински спектакал и лекција за навивање одржаа неготинци. Вториот бараж натпревар Вардар ќе го одигра утре среда на 1 јуни повторно во Прилеп но со прикажаната игра слободно можеме да кажеме дека Вардар е на чекор кон Втората фудбалска лига на Македонија.