ФФМ подготвува спектакл за натпреварот со Белгија
Цела западна трибина на арената „Филип Втори" на 22 март на дуелот со Белгија ќе биде прекриена со маски со ликот на рис, на јужната трибина ќе има кореографија на македонското знаме направена од картони, а публиката ќе ја анимира маскота – рис, пишува „Нова Македонија".
„Ние во Федерацијата имавме идеја со кореографијата со знамето, да се изработи и маскота што ќе ја анимира публиката и мислам дека на крајот ќе се направи добра приказна", вели претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Според весникот, поддршка за проектот имало и од навивачката група „Комити", која воодушевување прифатила да ги стави маските со ликот на рис.
„Правиме сѐ организациски за да може репрезентацијата да одигра на највисоко ниво. Сметам дека овој навивачки спектакл ќе дејствува како дополнителен мотив за фудбалерите, кои најважно е да одиграат добро и да дојдат до добар резултат против Белгија", вели првиот човек на македонскиот фудбал.
Единствена пречка за конечна реализација на овој спектакл била УЕФА, која за ова мора да даде дозвола, со оглед дека се работи за меѓународен фудбалски натпревар. Затоа ФФМ испратила писмо до УЕФА во кое објаснува каков е планот за навивачкиот спектакл на мечот против Белгија.
Единствена што не можело да се реализира е малиот кадифен рис што требало да му биде даден на голманот на нашата репрезентација како амајлија. Ова поради забраната на УЕФА секакви дополнителни предмети да се чуваат во голот.