Христијаните го одбележаа Водици и во Неготино
Коле Симионов од неготинското село Црвени Брегови вчера најбрзо доплива до крстот кој се фрлаше во вардарските води кај Пепелишкиот мост. А покрај него десетина други христијани вчера скокнаа да го фатат крстот.
Симионов вели дека ова е петти пак да го фати крстот, а веќе осум години редовно е учесник во овој настан.
Од соверниците доби многу благослови и честитки, а од општината и од градоначалникот Ванчо Апостолов доби ЛЦД телевизор на подарок.
Притоа и градоначалникот Апостолов им го честита празникот на православните христијани и им посака здравје и среќа.
Фрлањето на крстот во Неготино секоја година се извршува на мостот на Вардар кој го поврзува Неготино со селото Пепелиште. Обичај е во следниот месец, најсреќниот којшто го фатил крстот, да помине во секоја куќа, а домаќините да му дадат пари со вера за здравје, мир, љубов и среќа.