ПОЧЕТНА » ЗАБАВА » Шоуто Танц со ѕвездите започнува на 8 март

Шоуто Танц со ѕвездите започнува на 8 март


Додадено на 28-02-2013 во ЗАБАВА

Време е за шоу! Двојките се подготвени, гардеробата сошиена (дело на костимографот Раде Василев), специјалниот дрвен под во новоизграденото студио во МТВ - светнат, а камерите и режијата на готовс. Почнува првата сезона од долгоочекуваното телевизиско шоу „Танц со ѕвездите“! Премиерата е закажана за Меѓународниот ден на жената – 8 Март, на првата програма на МТВ, во 20,30 часот.

 

Не е лесно да си дел од ова шоу - се согласуваат поголемиот дел од учесниците, меѓу кои се познати актери, пејачи, спортски новинари, спортисти, манекенки... но предизвикот е голем. Токму тоа е и причината што поголемиот дел од нив се нафатија на ангажманот и во рекордно време успеаја да ги совладаат тајните на самбата, валцерот, тангото, виенски валцер, фокстрот, квикстеп, чача, румба и останатите танци.

 

Досега се" оди во најдобар можен ред и подготовките се дури и над очекувањата. Шоуто започнува со емитување на 8 март и ќе се емитува за време на викендите во ударен термин на првата програма на МРТВ. Очекувам да реализираме шоу кое ќе биде уникатно, гламурозно, гледливо за целата популација, кое ќе ги покачи стандардите што ги има македонскиот гледач за квалитетна македонска програма“, вели продуцентот Огнен Антов.

 

Предизвикот е навистина голем, а конкуренцијата остра - победникот ќе се бара меѓу ракометарката Андријана Будимир, пејачите Викторија Лоба, Аделина Тахири и Александар Белов, лото-девојката и моделка Марјана Станојковска, спортскиот новинар Бранко Чупески, актерите Васил Зафирчев, Висар Вишка и Јелена Јованова, и
кајакарот Атанас Николовски.

Водител на шоуто е актерот Тони Михајловски, а негова партнерка, чие име досега се чуваше во тајност, е Симона Николовска. Според сценариото, во некоја од наредните епизода ќе се увериме и во нивните танчарски способности. Патем, за потребите на шоуто МТВ изгради ново, гламурозно и досега најголемо ТВ-студио во земјава, кое се протега на 400 квадратни метри. Националниот сервис го реализира популарното шоу во соработка со продукцијата „Дрим фактори“.