ПОЧЕТНА » МУЗИКА » Јаневски: Имаме обврска кон нашите навивачи

Јаневски: Имаме обврска кон нашите навивачи


Додадено на 22-10-2012 во МУЗИКА

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Чеде Јаневски изјави дека очекува полни трибини на мечот со Хрватска, а токму поради тоа репрезентативците имаат обврска за позитивен резултат.

 

 

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Чеде Јаневски нема да менува многу во нашиот состав за мечот со Хрватска во однос на натпреварите кои ги одигравме во Загреб и Глазгов. Тој уште еднаш потенцираше дека нашиот состав одиграл одлично на тие два натпревари и поради тоа нема потреба од поголеми промени, единствено ќе има мали корекции.

Јаневски посакува бодови од дуелот со Хрватска, но и од натпреварот четири дена подоцна кој го играме против Србија. Како што самиот изјави очекува трибините на арената „Филип Втори“ да бидат исполнети, а токму една таква атмосфера им дава обврска на репрезентативците да направат позитивен резултат на 12-ти октомври.

-Би сакал да ја повториме играта од Загреб и Глазгов. Очекувам полн стадион што ни дава обврска да дадеме се од себе, да одиграме концентрирано и максимално ангажирано и со тоа да освоиме бодови како на дуелот со Хрватска, така и на мечот со Србија. Дали тоа ќе бидат шест, три или еден бод во моментов не можам да кажам, но секако дека посакуваме на овие два натпревари да освоиме повеќе бодови во однос на оние први кои ги одигравме, вели селекторот Јаневски.

Изминатите неколку денови хрватските медиуми малку повеќе се позанимаваа со натпреварот во Скопје. Во Загреб „коцкестите“ славеа со единствениот гол на Јелавиќ, а општиот впечаток е дека Македонија на тој натпревар заслужи барем еден бод. Со оглед на тоа дека на тој дуел одигравме одлично, а останавме со празни раце, македонскиот селектор вели дека би се менувал за нешто полоша игра на нашиот состав за победа на овој дуел.

Јаневски додава дека воопшто не го интересираат изјавите на селекторот Игор Штимац за претстојниот натпревар поврзани со нивните желби, амбиции и тоа како ќе играат тие.

-Да бидам искрен не ги следам многу хрватските медиуми и не ме интересира толку. Дали тие ќе играат напаѓачки или не јас не знам и тоа е нивна работа. Она што за мене е најважно е тоа моите фудбалери да одиграат на високо ниво. Ние ќе си ја гледаме нашата игра, да ги исполните сите договорени работи, да создадеме шанси и секако да ги искористиме, вели Јаневски.

Македонскиот најдобар фудбалер Горан Пандев вели дека Хрватска во Скопје ќе допатува далеку поконцентрирана и попретпазлива, со оглед на тоа дека во Загреб беа надиграни.

-Мислам дека сега нема да не потценат. Хрватска ќе одигра поконцентрирано и далеку посериозно во однос на мечот во Загреб. Нашата цел е да одиграме најдобро што знаеме и секако да ги спроведеме на теренот идеите на селекторот.  Со една добра и организирана игра, поголема концентрација во нападот мислам дека можеме да ги изненадиме хрватите. Мора да одиграме трпеливо, да не подлегнеме на еуфоријата од публиката и секако да ја искористиме и најмалата шанса за гол, бидејќи против големи селекции не може да си дозволиме да имаме десет неискористени шанси, вели капитенот на македонската репрезентација.

Само една промена има во однос на почетниот објавен список на репрезентативци. Фудбалерот на Вардар Остоја Стјепановиќ се најде на местото на Стефан Спировски од Работнички кој го повреди прстот на ногата. Натпреварот со Хрватска се игра на 12-ти октомври со почеток во 20:30 часот.